Претседателот на Интернационалната атлетска федерација (ИААФ), Себастијан Коу признава дека атлетиката нема да има нова глобална ѕвезда како Јусеин Болт, исто како што боксот никогаш не пронајде нов Мухамед Али.
Коу зборуваше за Олимпијадата во Лондон во 2012, каде што тој беше главен организатор, а Јамајчанецот блесна со три златни медали, на 100, 200 и 4х100 метри. Коу, кој е поранешен двократен олимписки шампион на 1.500 метри (1980 и 1984) за „Евроспорт“ зборуваше за влијанието на Болт на спортот.
„Мислам дека Болт стана легенда во Лондон. Иако не беше во најдобра форма, тој лесно стигна до три злата, откако во 2008 година беше апсолутно неверојатен. Но, во Лондон стана најголемото име во светот на атлетиката на сите времиња. Прашањето беше што ќе биде по Јусеин, и одговорот е јасен – нема да има друг Јусеин. Кога Мухамед Али се пензионираше, стана јасно дека нема да има друг Али и покрај тоа што имаше големи боксери“, вели Коу за „Евроспорт“.