Хенрик Кристоферсен стана светски шампион во слалом во францускиот зимски центар Куршевел.
Норвежанецот беше само 16-ти по првата трка, но потоа скијаше спектакуларно на втората трка постигнувајќи најдобро време и со вкупен резултат од 1:39.50 стигна до највисокото место на подиумот.
Ги издржа нападите на преостанатите 15 натпреварувачи и Кристоферсен почна да слави.
Второто место му припадна на Еј Џеј Гинис од Грција. Момче од Вулијагмени го освои првиот медал во историјата на оваа земја во алпско скијање, а заостана 20 стотинки зад победникот.
Светскиот јуниорски шампион Алекс Винасер заврши со бронзен медал, откако заостана 38 стотинки.
Французинот Клемент Ноел беше четвртопласиран, додека Германецот Себастијан Холцман заврши на петтото место.
Оваа трка стави крај на планетарниот шампионат во Франција.