Австриецот Матијас Маер го совлада фаворизираниот Алексис Пинтуро за само 0.07 секунди за победа во трката во алпска комбинација во швајцарскиот ски-центар, Венген.
Австриецот беше најбрз по спустот со повеќе од половина секунда предност пред Швајцарецот Жил Рулан, по што беше четврт најбрз во слаломот, едвај успевајќи да го остави зад себе Пинтуро. Уште еден Французин, Виктор Муфа-Жанде беше трет со 0.13 секунди послабо време.
Пинтуро, кој победи на првата трка во алпска комбинација оваа сезона, го зголеми водството во генерален пласман во Светскиот куп со 68 поени предност пред Норвежанецот Александар Омод Килде.
Утре на програмата е класичниот спуст во Венген, најстариот во историјата на Светскиот куп.