Top Sport

Медведев го запре Ѓоковиќ, Србинот го пофали: Тој е еден од најдобрите

Данил Медведев се врати од работ на поразот, за да го шокира светскиот рекет број 1 и актуелен шампион, Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Мастерсот во Синсинати за да стигне до второто Мастерс 1000 финале во две недели.

Русинот губеше со 6:3/3:2 и 30:40, но ја спаси таа брејк топка, за на крајот по час и 43 минути игра да го победи Србинот со 3:6/6:3/6:3. Светскиот рекет број 8 одигра фантастичен втор и трет сет, во кој не му дозволи на Ѓоковиќ да влезе во ритам и имаше 16 аса, најмногу што дозволил Ѓоковиќ оваа година.

„Да бидам искрен не знам како го направив ова. Бев толку уморен во првиот сет, а играв против Новак. Потоа, еден момент во вториот сет го смени ритамот и добив енергија“, изјави Медведев.

Ова е негово трето финале во низа откако во Вашингтон загуби од Ник Кирјос, а во Монтреал од Рафаел Надал. Противник вечерва (22 часот) ќе му биде Давид Гофан, кој со 6:3/6:4 го победи Ришар Гаске.

Ѓоковиќ имаше само пофални зборови за својот противник.

„Мислам дека одиграв добар меч. Можеби во третиот сет можев да бидам малку подобар, но кога имаш противник кој сервира со 200 на час и не прави многу грешки, мораш само да му честиташ. Тој одигра фантастичен меч и не можев да направам многу. Данил оди кон топ 5 и дефинитивно е еден од најдобрите тенисери на турнејата. Многу е подобрен од Австралија опен минатата година. Неговиот форхенд е подобар, неговото движење исто така“, изјави Србинот.

Scroll to Top