Легендарниот американски тенисер, Џон Мекинро се потсмеваше со освојувачката на рекордни 24 гренд слем титули, Австралијката Маргарет Корт, нарекувајќи ја „лудата тетка“ на тенисот, додавајќи дека се надева дека Серена Вилијамс ќе го сруши рекордот на 77-годишната Корт.
Проблемот на Мекинро со Корт е во нејзиното противење на истополовите бракови поради религиозните убедувања. Во понеделникот, Австралија опен ја одбележа 50-годишнината од нејзиниот успех во 1970 кога ги освои сите четири гренд слем титули во една календарска година, заедно со Род Лејвер, кој двапати го остваруваше тоа во 1962 и 1969 година.
Мекинро како коментатор на „Евроспорт“ не беше подготвен за смиреност.
„Има само една работа подолга од листата на тениските остварувања на Маргарет Корт: листата на нејзините навредливи и хомофобски изјави. Серена, направи ми услуга, освои уште два гренд слема и стигни до 25 за да ја оставиме Маргарет Корт и нејзините навредливи ставови во минатото, каде што припаѓаат“, изјави седумкратниот гренд слем шампион.
Вилијамс, која ја освои последната од своите 23 гренд слем титули во Мелбурн во 2017, загуби во третото коло оваа година.
Корт, која е христијански свештеник во нејзината црква во Перт, минатиот месец имаше директен напад на трансродовите спортисти, а го нарече учењето на ЛГБТ материјали во австралиските школи „ѓаволска работа“.