Top Sport

Мекинро: Некои луѓе мислат дека Ѓоковиќ е Дарт Вејдер

Поранешното „лошо момче“ на тенисот, Џон Мекинро вели дека на спортот му се потребни силни карактери, посочувајќи дека дел од навивачите го сметаат Новак Ѓоковиќ како Дарт Вејдер, славниот негативец од филмовите „Војни на ѕвездите“.

Седумкратниот гренд слем шампион Мекинро, кој во својата кариера имаше доста конфликти со судиите и со публиката, се согласува со Ник Кирјос дека на тенисот му се потребни разновидни ликови и карактери.

„Зборував за потребата за вистински карактери во тенисот. Морате да имате вистински интерес во некого. Дали мислите дека е лошо момче, не е важно, некои луѓе сметаат дека Ѓоковиќ е Дарт Вејдер. Од друга страна, сите го сакаат Роџер Федерер. Тенисот не е тимски спорт каде што можете да навивате за својот град или држава, така што е важно да има посебни ликови во спортот“, вели 62-годишниот Американец.

Интересно, во 2012 година, пред мечот со Американецот Сем Квереј, Ѓоковиќ во чест на Хелоувин носеше токму маска на Дарт Вејдер. И покрај неговите 20 гренд слем титули, Ѓоковиќ не добива иста љубов како Рафаел Надал и Роџер Федерер, ситуација што се влоши со неговата депортација од Австралија по одбивањето да се вакцинира.

„Многу е тешко последните 10-15 години да не се фокусирате на тие тројца. Тие направија нешто надвор од овој свет, освоија по 20 гренд слема. Мислев дека седум е фантастична бројка, но сега не изгледа така. Ги гледаме овие легенди како играат во исто време, но од друга страна иднината е пред нас и треба да имаме и други ѕвезди“, додава Мекинро.

Scroll to Top