Рафаел Надал му се одмазди за шокантниот пораз на Мастерсот во Монако на Фабио Фоњини, победувајќи го Италијанецот со 2:6/6:1/6:2 за пласман во полуфиналето на Роџерс купот во Монтреал.
Фоњини повторно се покажа како незгоден противник за Шпанецот откако го освои првиот сет, но потоа мораше да добие медицинска помош откако го извитка скочниот зглоб, и Рафа го искористи тоа и освои 12 од последните 15 поени од мечот.
„Кога губев со 6:2 во првиот сет не чувствував дека играм лошо, туку само работите одеа пребргу. На крајот беше позитивно за мене. Играв подобро како што одеше мечот“, вели Надал.
Во своето седмо полуфинале на Канадскиот опен Надал ќе игра со подобриот од дуелот Роберто Баутиста-Агут-Гаел Монфис откако нивниот меч беше прекинат по само два освоени поени поради дожд. Претходно Русите Данил Медведев и Карен Хачанов поставија пресметка во второто полуфинале. Медведев со 6:3/6:1 за помалку од еден час го победи Доминик Тим, додека Хачанов со 6:3/6:3 му нанесе нов пораз на Александер Зверев.
На женскиот Роџерс куп во Торонто пак, чешката квалификантка Мари Бузкова стигна до своето прво полуфинале, откако шампионката од Вимблдон, Симона Халеп се повлече поради повреда на ногата откако го загуби првиот сет со 6:4.
Следна за Бузкова е освојувачката на 23 гренд слем титули, Серена Вилијамс, која со 6:3/6:4 за 76 минути ја победи првпат во кариерата Наоми Осака во интересна реприза од финалето од САД опен 2018.