„Немаше поента да се игра во ваква состојба“, изјави шпанскиот тенисер Рафаел Надал откако се повлече од полуфиналето на Вимблдон поради повреда на стомачните мускули. Сопственикот на рекордни 22 грен – слем титули денеска требаше да игра против Австралиецот Ник Кирјос, но поради напукнување на стомачниот ѕид се откажа од настапот.
Лекарските прегледи покажале дека Надал има кинење на стомачните мускули од 7 милиметри за време на четвртфиналниот меч на Вимблдон против Американецот Тејлор Фриц, кој го доби по четири часа исцрпувачка игра со 3:6, 7:5, 3:6, 7:5 7:6.
Покрај проблемите со стомачните мускули, Надал се соочува и со повреда на стапалото.
„Имам пукнатина во стомакот. Цел ден разговаравме за одлуката, но нема смисла да играм ако сакам да ја продолжам кариерата“, објасни 36-годишниот Шпанец.
„Оваа одлука ја донесов затоа што не можам да победам уште два меча. Од почит кон себе, не сакам да играм ако не сум конкурентен и ако не сум на потребното ниво. Не сакам да ми се влоши повредата“, додаде тој.
Надал откри дека неколку дена имал проблеми со стомачните мускули.
„Имав стомачни проблеми една недела, но успеав да го ставам тоа под контрола. Сепак, вчера ми стана многу болно. Се зголеми многу малата повреда што ја имав неколку дена претходно”, објасни Надал.
По повлекувањето на Надал, Ник Кирјос без борба влезе во своето прво грен – слем финале. Тој стана и првиот Австралиец во финалето на Вимблдон по Марк Филипусис, на кого тоа му успеа во 2003 година.
Кирјос во финалето ќе игра со победникот од мечот меѓу Србинот Новак Ѓоковиќ и Британецот Камерон Нори.