Top Sport

Најголемиот на сите времиња – Кипчоге со апсолутна доминација на олимпискиот маратон

Кениецот Елиуд Кипчоге покажа дека може да го сметаат за еден од најдобрите маратонци во историјата, откако ја одбрани олимписката титула со разлика од 80 секунди и покрај тоа што во Сапоро имаше брутални услови за трка.

И покрај тоа што се стартуваше во 7 часот наутро по локално време, жештината беше огромна и 30 од 116 стартери не ја завршија трката, но Кипчоге немаше вакви проблеми и веќе по 35 километар немаше сериозен ривал завршувајќи ја трката со 2:08:38. Холанѓанецот Абди Нагеје беше сребрен пред Белгиецот Башир Абди.

„Мислам дека ја исполнив целта со два маратони во низа. Времето беше океј, не можам да се жалам. Сите бевме во иста ситуација, а јас го остварив олимпискиот сон. Маратонот е како животот, а во животот има многу пречки“, изјави 36-годишниот Кениец, кој стана само третиот маратонец кој ја одбранил титулата во маратон по Етиопјанецот Абебе Бикила (1960, 1964) и Источногерманецот Валдемар Сиерпински (1972, 1976), а исто така е и официјален рекордер (2:01:39) и прв човек кој истрчал маратон под 2 часа со помош на пејсмејкери.

Scroll to Top