Македонската репрезентација за „влакно“ не успеа да се пласира во осмина-финалето на Европското првенство во одбојка. Две победи и три порази е биланс на одбојкарите на дебито на континенталните првенства.
Одбојкарите со високо кренати глави заминаа од Словенија каде ги играа натпреварите во Ц-групата. Во Љубљана тие загубија од Финска, Турција и Русија, а ги добија натпреварите против Белорусија и Словенија.
Генерацијата што ја предводи Никола Ѓорѓиев сега треба да се насочи кон новите предизвици.
„Може да се тагува, но не премногу, ниту пак предолго. Наредните квалификации се во август, а следното европско за две години. Оваа генерација може уште еднаш да биде на континенталниот собир, а тогаш нема да зборуваме за прв поен, прв сет или прва победа. Тогаш ќе зборуваме за прво осмина-финале“, со оваа порака утрово на својот профил на „Фејсбук“ се огласија од Одбојкарската федерација на Македонија.
фото/ vfmkd.mk