Ждрепката за првиот гренд слем од новата сезона, Австралија опен, го постави Новак Ѓоковиќ во дуел со светскиот рекет број 37, Германецот Јан-Ленард Штруф во првото коло, а покрај тоа Србинот е во истата половина од ждрепката со Роџер Федерер.
Ако го помине Штруф, Србинот може во третото коло да игра со Британецот Ден Еванс, додека Федерер има релативно лесен пат до четвртото коло, откако во првото коло ќе игра со Американецот Стив Џонсон. Потоа Швајцарецот го чекаат потенцијални дуели со Денис Шаповалов или Григор Димитров на почетокот на втората недела.
Ако одат според планот, Ѓоковиќ, кој оди на осма титула од Мелбурн, ќе игра со 20-кратниот гренд слем шампион Федерер во полуфиналето.
Првиот носител, Рафа Надал не би требало да има проблеми во првото коло против Хуго Делиен од Боливија, но можен е дуел со Ник Кирјос веќе во четвртото коло.
Кај дамите, Ешли Барти обидот да стане прва домашна шампионка во Мелбурн од 1978 година го почнува против Украинката Лесија Цуренко, додека Серена Вилијамс обидот да стигне до 24. гренд слем титула ќе го почне против Русинката Анастасија Потапова. Во најинтересниот дуел од првото коло во женска конкуренција, тинејџерката Коко Гоф ќе игра со двократната финалистка Венус Вилијамс.