Top Sport

Новак фуриозно против Шварцман, заврши турнирот од соништата за Гоф

Новак Ѓоковиќ експресно влезе во четврт-финалето на Австралија опен, откако со 6:3/6:4/6:4 го „збриша“ Аргентинецот Диего Шварцман на „Род Лејвер арената“ и сега го очекува пресметка со својот стар познаник, Канаѓанецот Милош Раонич.

Србинот немаше поголеми проблеми против Шварцман во меч кој траеше нешто повеќе од два часа и по 11. пат во кариерата се пласираше меѓу осумте најдобри на Мелбурн парк. Раонич претходно со фантастичен сервис со 6:4/6:3/7:5 го победи Хрватот Марин Чилиќ.

„Диего немаше загубено сет во првите три кола и играше навистина добро. Знаев дека ако му дадам време може да наштети бидејќи е еден од најбрзите тенисери на турнејата. Сега одам на Милош, еден од најсилните и највисоките тенисери на турнејата и ќе треба да бидам подготвен за ракети од негова страна“, изјави Ѓоковиќ.

Кај дамите, Американката Софија Кенин стави крај на турнирот од соништата на тинејџерската сензација Коко Гоф, победувајќи ја со 6:7(5)/6:3/6:0 за прво гренд слем четврт-финале во кариерата.

15-годишната Гоф, која претходно ги елиминираше Венус Вилијамс и актуелната шампионка Наоми Осака, успеа да се врати од брејк-негатива да го освои првиот сет носена од поддршката на публиката, но 14. носителка Кенин успеа да се врати и да ги искористи грешките кои се нижеа за импресивна победа. Во четврт-финалето таа ќе игра со Тунижанката Онс Жабер, која со 7:6(4)/6:1 ја совлада кинеската тенисерка Ванг Кијанг.

Scroll to Top