Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ вели дека се надева дека ќе има тениска сезона во 2020 година, но додава дека дотогаш ќе ужива во деновите поминати со неговото семејство.
Засега е сигурно дека нема да има тенис барем до 13 јули, откако АТП на 1 април ја продолжи паузата поради корона вирусот. 17-кратниот гренд слем шампион ужива со семејството во Марбелја, Шпанија, откако се врати во Европа по откажувањето на Мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами.
„Јас сум подготвен да играм, но ќе мораме да почекаме уште барем неколку месеци, тоа е сигурно. Но, благословен сум со моето семејство и уживам што конечно имаме простор да поминеме квалитетно време заедно, бидејќи кога има тенис секогаш патуваме“, вели Србинот.
32-годишниот Ѓоковиќ имаше фуриозен старт на новата сезона со 18 победи и три титули во низа пред тенисот да биде сопрен. Тој ја предводеше Србина до титула на АТП купот, по што ја освои рекордната осма титула од Австралија опен, за да триумфира и на Дубаи шампионатот во февруари.