Наоми Осака се врати на тениските терени на Флешинг Медоуз по првичното откажување во знак на протест поради „геноцидот над црните луѓе“ во САД, и се пласираше во финалето на турнирот со 6:2/7:6(5) победата над Белгијката Елизе Мертенс.
Во финалето, Јапонката чиј татко е по потекло од Хаити и која е израсната во САД, ќе се сретне со повратничката на ВТА турнејата, поранешната гренд слем шампионка, Белорусинката Викторија Азаренка, која се врати од сет-негатива за 4:6/6:4/6:1 победа над Британката Џоана Конта.
Осака вчера прво се повлече од турнирот како реакција на зголемувањето на расните тензии во САД по застрелувањето на еден црн човек од полицијата во Висконсин, но потоа по преговорите со ВТА турнејата и Американската тениска асоцијација (УСТА) се предомисли. Како резултат на нејзиното повлекување, сите мечеви во четвртокот беа откажани.