Можноста ВБЦ шампионот во тешка категорија Тајсон Фјури да влезе во ринг со човекот по кој го доби името, Мајк Тајсон била реална, потврди неговиот промотер Френк Ворен, кој ја нарече идејата „луда“.
53-годишниот Тајсон, поранешниот апсолутен шампион во тешка категорија, последните месеци ја возбуди боксерската публика со најавите за враќање во рингот за егзибициски мечеви, по што беше поврзуван со повеќе имиња, од стариот ривал Ивандер Холифилд, до актуелниот шампион Фјури. Ворен сега призна дека добил понуда за таков меч, но дека не е „заинтересиран“.
„Понудата беше директно од Тајсон, за егзибициски меч со Фјури. Имаше разговори, но не преку мене, бидејќи не сум заинтересиран за тоа. Мајк е стар и не е подобар од времето кога Дени Вилијамс и Кевин Мекбрајд го победија. Јас сум целосно против тој меч. Не им поминал рокот на употреба, туку се растурил. Не треба да го прават тоа и не треба да ги охрабруваме. Тоа нема да биде добро за боксот“, вели Ворен