Top Sport

Пуерта по 15 години призна дека лажел за допингот по поразот од Надал

Поранешниот аргентински тенисер, Маријано Пуерта, призна дека лажел за да добие намалена казна за допингување по финалето на Ролан Гарос во 2005, кога загуби од Рафаел Надал.

Надал се врати од загубениот прв сет, за да ја освои својата прва гренд слем титула на омилените терени во Париз (каде што има 12 титули), по што сега 41-годишниот Пуерта бил позитивен на стимулантот етилефрин.  Бидејќи веќе имаше отслужено деветмесечна суспензија поради позитивен тест на кленбутерол во 2003, тој доби осумгодишна суспензија.

Меѓутоа, тој тврдеше дека вториот позитивен тест е резултат на тоа што тој случајно се напил од водата во која неговата сопруга имала медикаменти за менструални болки, и неговата казна беше намалена на две години. Сега, во интервју за весникот „Ла насион“, тој признава дека тоа било лага и дека земал додатоци за исхрана добиени од личниот тренер Дарио Лецман.

„Објаснувањето кое го користевме како стратегија беше лага. Не можевме да направиме ништо бидејќи тие апчиња не беа купени на легален начин. Моите адвокати сметаа дека не е добро да го признаам тоа. Но, верувајте, не добив никаква спортска предност и не сакам да ме означуваат како измамник“, вели Пуерта.

Неговиот поранешен тренер, Андрес Шнајтер не верува во оваа верзија.

„Го прашав што се случи и тој ми кажа дека не знае. Мислев дека лаже и дека одговорот не е искрен. Мислам дека земал нешто без да знае“, вели Шнајтер.

Пуерта беше на деветтото место на АТП листата тогаш, но не успеа да го врати ова ниво на игра по камбекот во 2007 и се пензионираше две години подоцна.

Scroll to Top