Top Sport

Пулев доби нова шанса против Џошуа: Сега светот ќе ја дознае мојата сила (видео)

Бугарската „Кобра“, Кубрат Пулев ќе го предизвика шампионот во тешка категорија Ентони Џошуа на прекрасниот нов стадион на Тотенхем на 20 јуни и најавува дека ова ќе биде совршена шанса светот да ја види неговата сила.

38-годишниот Пулев е задолжителен предизвикувач за ИБФ титулата и ќе се сретне со Џошуа, носителот на ВБА, ИБФ и ВБО титулите, и покрај барањето на фановите да се организира меч за обединување на титулите со новокрунисаниот ВБЦ шампион, Тајсон Фјури. Сепак, прво Фјури ќе мора да му даде трета шанса на Дионтеј Вајлдер, по официјалното активирање на клаузулата во договорот.

„Пресреќен сум што имам шанса да покажам на светот колку навистина сум силен“, напиша Пулев на Фејсбук.

Пулев, познат како „Кобра“ предизвика контроверзи со своето однесување надвор од теренот, откако во март 2019 доби суспензија откако на сила ја бакна новинарката Џенифер Равало по победата.

Тој требаше да се судри со Џошуа во Кардиф во 2017 година, но мораше да се повлече поради повреда на рамото. Пулев последен пат беше во акција во ноември, кога го победи на поени Американецот Рајдел Букер.

Scroll to Top