Новата шампионк од Вимблдон, Елена Рибакина сакаше да ги демантира сите прашања околу тоа дали се смета дека е „производ“ на рускиот тенис, покажувајќи го својот казахстански пасош на прес-конференцијта во Нур-Султан по враќањето во Казахстан.
Рибакина, која во саботата ја победи Тунижанката Онс Жабер за најпознатата тениска титула на светот, заработи 2 милиони фунти и најави дека целта е да стане светска тенисерка број 1. Рибакина е родена во Москва (каде што уште живеат нејзините родители), но од 2018 година настапува за Казахстан по поддршката од националната тениска федерација.
„Сметам дека е невозможно да ме наречете производ на рускиот тенис, бидејќи тогаш бев јуниорка, а префрлањето од јуниорски во професионален тенис е многу тежок. Покрај тоа, потребен ви е добар тим околу вас и многумина не продолжуваат во професионален ранг. Затоа, јас имав среќа што имав поддршка“, изјави Рибакина покажувајќи го својот пасош – според казахстанските закони двојното државјанство не е дозволено и тоа значи дека веќе се има откажано од руското државјанство.
Шефот на Руската тениска федерација, Шамил Тарпишчев не се согласува.
„Нормално, што друго може да каже? Тренираше со нас 11 години, и ако не е наш производ, тогаш чиј е? Секој си ги штити сопствените интереси“, изјави Тарпишчев.
Рибакина на прашање дали ја осудува војната во Украина: Извинете, не разбирам најдобро англиски!