Рони О’Саливен уште еднаш влезе во историјата на снукерот, откако се израмни со Стивен Хендри со својата 36. ренкинг титула по победата над Нил Робертсон на Тур шампионатот, и во исто време првпат по девет години повторно е светски играч број 1, поминувајќи го Марк Селби.
О’Саливен во Велс имаше голема предност против Австралиецот Робертсон, но на крајот беше тесно и тој победи 13:11 за чек од 150.000 фунти и завршување на четиригодишното владеење на Селби на врвот на рејтинг-листата. О’Саливен со своите 43 години станува најстариот играч кој ја има првата позиција по шесткратниот светски шампион, Реј Рирдон, кој во 1983 година беше број 1 на 51 година.
Робертсон, кој загуби со 10:4 од О’Саливен на Плејерс шампионатот на претходниот турнир, овојпат беше посериозен противник. Иако губеше со 6:3, тој успеа да израмни на 10:10, но притисокот влијаеше добро на О’Саливен, кој сега ќе оди на шеста светска титула на „Крусибл“ во Шефилд следниот месец.