Рускиот гимнастичар Иван Кулијак ги објасни своите мотиви за носењето на симболот „Z“ на натпреварувањето од Светскиот куп во Доха по критиките од западните медиуми и од Интернационалната гимнастичка федерација (ИГФ) која го обвини за „шокантно однесување“.
20-годишниот Кулијак освои бронза во разбојот и се појави на подиумот покрај победникот, Илија Ковтун од Украина, и вели дека се решил на користење на симболот кој се наоѓа на дел од воените возила на Русија во Украина поради однесувањето на украинските ривали.
„Нивното однесување во дел од натпреварувањето беше целосно неприфатливо. За време на програмата тие врескаа: ‘Слава на Украина’, излегуваа замотани во нивното знаме, додека ние моравме да се натпреваруваме како неутрални спортисти. Тие бараа да бидеме исфрлени од турнирот иако ништо не сме згрешиле, отидовме таму да се натпреваруваме и до крај не знаевме дали ќе ни дадат да се натпреваруваме“, вели Кулијак за „РТ“.
Тој вели дека би го повторил тоа.
„Да имам втора шанса и да бирам, повторно ќе излезам со ‘Z’ на градите. Го видов знакот нан нашата војска и сакав да дознаам што значи. Тоа е ‘за победа’ и ‘за мир’. Не посакувам ништо лошо за никого, но сакав да се знае мојот став. Како спортист, секогаш ќе се борам за победа и секогаш ќе барам мир. “, изјави Кулијак, за кого иронично ова беше прво натпреварување во сениорска конкуренција, а сега може да му биде и последно поради можната казна од ИГФ.
Руски гимнастичар ја поддржа воената акција во Украина со „Z“ на градите