Top Sport

„Шоуменот“ Ноа Лајлс блесна на 200 метри, нови три злата за САД (видео)

Американскиот спринтер, Ноа Лајлс стигна до светска титула на 200 метри на СП во Катар, победувајќи ја без проблем својата конкуренција во вечер во која Американците освоија три од четирите златни медали.

„Шоуменот“ Лајлс со сребрено обоена коса, ја освои својата прва голема титула со време од 19.83, триумфирајќи пред Канаѓенцот Андре де Грасе, инаку олимписки вице-шампион од Рио (19.95) и еквадорското изненадување Алекс Квињонез, кој стигна до бронзата (19.98). Британскиот фаворит Адам Џемили беше само четврти, исто како во олимпиското финале во Рио.

Второто злато за САД, и првпат во дисциплината 800 метри го донесе Донаван Брејзиер, кој со фантастичен финиш победи со време од 1:42.34 пред босанскиот херој Амел Тука и Кениецот Фергусон Черујот Ротич.

Брејзиер, заедно со четвртопласираниот сонародник Клејтон Марфи, тренираат во „Најк Орегон“ проектот со главниот тренер Алберто Салазар, кој во понеделникот доби четиригодишна суспензија поради „организирано допингување“.

Сем Кендрикс, пак, ја освои втората последователна светска титула во скок со стап, победувајќи го европскиот шампион, Швеѓанецот Арманд Дуплантис. Кендрикс едвај ги прескокна височините од 5.87 и 5.97 во третите обиди, но на 5.92 скокна од прва, со што го победи Дуплантис откако двајцата не успеаја да одат на 6.02 метри. Кендрикс е првиот скокач со стап по Сергеј Бубка во 1997 кој успеал да ја одбрани титулата.

Единствена дисциплина во која САД не зеде медал беше фрлањето копје во женска конкуренција, каде што Австралијката Келси-Ли Барбер со фантастичен обид од 66.56 метри ги победи двете кинески фаворитки Шијинг Лиу и Хиухиу Љиу.

СП АТЛЕТИКА, 5.ДЕН

200 МЕТРИ (М)

1.Ноа Лајлс (САД) 19.83

2.Андре де Грасе (Кан) 19.95

3.Алекс Квињонез (Екв) 19.98

800 МЕТРИ (М)

1.Донаван Брејзиер (САД) 1:42.34

2.Амел Тука (БиХ) 1:43.47

3.Фергусон Черујот Ротич (Кен) 1:43.82

СКОК СО СТАП (М)

1.Сем Кендрикс (САД) 5.97 м

2.Арманд Дуплантис (Шве) 5.97 м

3.Пјотр Лисек (Пол) 5.87 м

ФРЛАЊЕ КОПЈЕ (Ж)

1.Келси-Ли Барбер (Авс) 66.56 м

2.Шијинг Лиу (Кин) 65.88 м

3.Хиухиу Љиу (Кин) 65.49 м

Scroll to Top