Top Sport

Штефан Крафт по третпат светски шампион во ски скокови

Австриецот Штефан Крафт беше во фантастична форма за да го освои златото на големата скокалница на Светското првенство во Оберстдорф, Германија пред Норвежанецот Роберт Јохансон и домашниот фаворит Карл Гајгер.

Крафт имаше убедлива предност по првата серија пред Јохансон за на крајот да победи со 276.5 поени (132.5 и 140 метри), додека Норвежанецот заостана 4.4 поени со скоковите од 129.5 и 135.5 метри. Гајгер имаше 267.4 поени со два скока од 132 метри, за да ја комплетира колекцијата медали од Оберстдорф – освои сребро на малата скокалница и беше дел од германскиот тим кој ја освои мешаната титула.

„Фантастично, не можам да го опишам чувството. По тешко лето со многу проблеми со повредите, да се вратам на мојата омилена скокалница и да освојам злато е неверојатно“, вели Крафт, кој пред четири години во финскиот Лахти победи на малата и големата скокалница.

Пјотр Жила, полскиот ас кој освои злато на малата скокалница, беше четврти пред Словенецот Анже Ланишек.

Scroll to Top