Top Sport

Тим е новиот „крал“ на Барселона, Беретини со „чудесна“ титула во Будимпешта

Доминик Тим својата блескава победа над 11-кратниот шампион Рафаел Надал во полуфиналето на Барселона опен ја круниса со 6:4/6:0 „демолирање“ на Русинот Данил Медведев за да го крене трофејот од кралскиот тениски клуб и да покаже дека е „сила“ на турнирите на земја пред Ролан Гарос.

Мечот не започна најдобро за Австриецот – по само три гема тој губеше со 0:3, но од тој момент како да имаше само еден тенисер на теренот. Медведев до крајот на мечот успеа да освои само уште еден гем, за по поразот во полуфиналето во Монте Карло, повторно да доживее незгоден пораз на земја. Ова е 13. АТП титула во кариерата на Доминик Тим.

Во Будимпешта пак, Италијанецот Матео Беретини се врати од сет негатива за 4:6/6:3/6:1 победа над Филип Краиновиќ за втора титула во кариерата. Беретини пристигна на Унгарскиот опен со низа од четири порази, но со агресивна игра од основната линија беше подобар по час и 41 минута игра.

23-годишниот Беретини освои 81 отсто од поените на свој сервис, за да осигура од понеделник да биде меѓу најдобрите 40 тенисери на светот.

Scroll to Top