Top Sport

Усик: Поради политиката загубив милиони во спонзорство во Украина

ВБА, ИБФ, ИБО и ВБФ шампионот во тешка категорија, Олександер Усик тврди дека загубил богати спонзорски договори во неговата татковина, Украина поради неговите политички ставови и поради тоа што не ја критикувал Русија.

Усик стана светски шампион кога го победи на поени Ентони Џошуа во септември во Лондон, откако претходно беше апсолутен шампион во крузер категорија, а освои и злато за Украина на Олимпијадата во Лондон во 2012 година. И покрај ова, тој не е многу сакана личност во Украина, најмногу поради тоа што е роден во Крим и не ја критикуваше Русија за преземањето на полуостровот во 2014 година.

Усик одговараше дека Крим е „божји“ кога го прашуваа украинските новинари, и иако живее во Киев, неговото семејство уште е таму. Покрај тоа, тој е голем верник на православната црква која уште е поврзана со Московската Патријаршија и беше поставен на неславната листа „непријатели на државата“ од страна на една невладина организација.

„Имам договори? Не во Украина. Ситуацијата е таква со целата омраза, поделбите и недоразбирањата, што многу повеќемилионски договори ги загубив. Едноставно беа одбиени. Ќе ми кажат: ‘Си зборувал за политика таму?’. Ќе ги прашам: ‘Каде, покажете ми!’. Тие ќе речат: ‘Па, тие зборуваат за тебе’. И толку. Би сакале да ме спонзорираат, но им е страв. Но, не жалам за парите, тие најлесно се надополнуваат“, вели 35-годишниот Усик.

Scroll to Top