Top Sport

Ветеранот Изнер постави рекорд по бројот на асови, па загуби од Синер

Надежта на италијанскио тенис,  Јаник Синер, во петокот со 6:4/7:6(3)/6:3 го совлада американскиот ветеран Џон Изнер за пласман во третото коло на Вимблдон, но Американецот може да биде задоволен што покрај рекордот за најдолг меч во историјата на гренд слемот на трева, запиша уште еден светски рекорд.

Со својот петти ас во петокот, Изнер го сруши рекордот на Хрватот Иво Карловиќ од 13.728 аса во кариерата, запишувајќи се во историјата на тенисот со еден рекорд кој тешко дека ќе биде срушен. Пред мечот, 37-годишниот Изнер имаше 629 аса само во 2022 година, како апсолутен лидер.

„Тоа е навистина кул работа и нешто на што сум горд.  Ќе бидам лидер на сите времиња, а ако продолжам ќе можам и да го подобрам рекордот. Не знам дали некој ќе може да го сруши, може да сум на врвот долго време“, изјави пред мечот 37-годишниот Изнер, кој седум сезони е лидер на АТП турнејата по бројот на асови и кој во долгата кариера има 16 АТП титули.

Во 2010 година, на Вимблдон, Изнер и францускиот тенисер Никола Мау одиграа меч кој тешко дека ќе се повтори. Во три дена игра, тие имаа ефективни 11 часа и 5 минути тенис и победа на Изнер од 6:4/3:6/6:7(9)/7:6(3)/70:68 со вкупно 183 одиграни гемови. Бидејќи од оваа година на сите гренд слемови се сменија правилата со воведување на тај-брејк во петтиот сет, овој рекорд речиси сигурно никогаш нема да биде срушен.

Следен за Синер, пак, е уште еден тенисер од кој се очекува многу во иднина, шпанскиот ас Карлос Алкараз, кој лесно со 6:3/6:1/6:2 го „збриша“ Германецот Оскар Оте за првпат во кариерата да влезе во четвртото коло на Вимблдон.

 

Scroll to Top