Од специјалниот известувач Ненад Живановски-Столиќ
Во време на сè помасовна употреба на вештачката интелигенција, не е веќе прашање „дали“, туку „кога“ новинарството како професија ќе исчезне од медиумската сцена. Барем она традиционалното новинарство, па и актуелново дигитално, во кое човекот сè уште е во средина на медиумите. Контурите на тие тенденции не само што можат да се насетат, туку секојдневно можат и јасно да се видат во медиумската продукција. Исклучок не е ни овој Вимблдон. Од некогашна седма сила и четврта власт, дали новинарите сè повеќе стануваат непотребен декор на тенискиот шампионат и леви сметала, кои никој не ги ферма.
1.
Оваа сурова реалност за професијата новинар, можеше да се забележи уште пред да почне турнирот, на воведната прес конференција, кога Арина Сабаленка, наместо вообичаените 20 минути средба со известувачите, обраќањето го сведе на само пет минути.
Тоа беше забележано од присутните новинари и на Белорусинката и беше укажано дека за повеќето медиуми, оваа сала за прес-конференции е единственото место каде можат да слушнат нешто од неа, како и прашањето зошто одлучила да го ограничи делот од своите медиумски обврски, а не некој друг дел? Куртоазен, но не убедлив, беше нејзиниот одговор: „Сакам да разберете дека ве почитувам сите и навистина го ценам вашето време. Би било тешко да се преживее на социјалните медиуми без вас. Воопшто не се работи за вас. Ние само се обидуваме да се бориме за нешто поголемо, за другите играчи, да им помогнеме да преживеат на овој свет.“
Четири дена подоцна, бришењето под со новинарите, не беше ништо понежно и од страна на Серена Вилијамс. Бомбастично најавуваното враќање и првиот меч на Вимблдон после четири години пауза, беше завршено повторно со нокаут за известувачите дојдени на Турнирот од целиот свет. Наместо она што се подразбира, после секој меч да има прес конференција, Серена воопшто не се ни појави, туку само се обрати до јавноста со соопштение напишано од нејзиниот пи-ар тим. „Навистина беше одлично што се вратив на Вимблдон. Не очекував дека повторно ќе бидам тука. Атмосферата беше неверојатна, излегувањето на теренот беше посебен настан при што уживав во секој момент“.
И, толку. Бадијала протестите на новинарите, едноставно – небитни сме.

2.
Годинава, ниту организаторот не е нешто посебно внимателен со нас. Секако, вообичаената пословична љубезност не изостанува, но само кога е во прашање вербалната комуникација (во комбинација со англискиот цинизам, љубезно да ви се смеат во лице кога ви соопштуваат негативен одговор на вашето барање).
Дел од привилегиите кои отсекогаш ги уживале новинарите на Вимблдон, полека почнуваат да се намалуваат или потполно да се укинуваат. Со години обезбедениот автобуски превоз од метро станицата на Вимблдон до тениските терени, оваа година за прв пат не е повеќе бесплатен. Секој новинар мора да плати по една фунта, како би можел да го користи транспортот. Колоквијално би рекле, се клошарат за една фунта, а имаат награден буџет од 60 милиони фунти за тенисерите.
Да, клошарење, тоа е вистинскиот збор за овој потег на најекслузивниот, најпрестижниот и најбогатиот тениски турнир и еден од најатрактивните спортски настани кој се одржува секоја година; бидејќи и наједноставна математика го оправдува таквиот квалификатив. Ако на турнирот има 400 акредитирани известувачи, и секој од нив дневно да го користи овој превоз, тоа се 400 фунти инкасирани на дневно ниво. Теоретски, овие 400 новинари, 14 дена, колку трае Вимблдон, да го повторуваат истото, тоа се 5600 фунти во тотал (6500 евра). Смешна сума пари дури и за македонската тениска федерација кога организира фјучерси на терените на Југ.

3.
Меѓутоа, парите, односно таа фамозна една фунта, не е никаков проблем, освен што е симболична порака од организаторот до новинарите дека времето на важност им истекнува. Вистинскиот проблем е што известувачите, кои до минатата година беа со приоритетен влез во автобусите, од оваа година мораат да застанат во долгиот ред со другите посетители и да чекаат по 15-20 минути за да влезат во дабл-декерот.
Стресот од новата околност, на најбрутален начин го почувствував во вторникот кога Лина Ѓорческа го играше историскиот меч за македонскиот тенис. Колку рационално и да го планирате времето, со лондонските сообраќајни гужви никогаш не сте на сигурен „тајм менаџмент“, и токму поради „застанувањето во ред“, малку недостасуваше и да задоцнам на мечот на Лина. Вимблдон како да нема повеќе разбирање за двата најважни стандарди во журналистиката: навременост и точност.
Тоа што подароците за новинарите секоја година се сè поскромни, и што бонусот за храна со години не се зголемил, не би го коментирал, бидејќи тоа е добра волја, а не обврска на Организаторот, но е, исто така, симболичен знак дека во време на вештачка интелигенција значењето на новинарот од крв и месо се намалува. Дали следен чекор, по примерот на Лондонскиот филмски фестивал, би бил да мораме да плаќаме котизација од 50 или 100 фунти за да би можеле да известуваме од турнирот?
4.
Ако постануваме сè понебитни, а на вештачката интелигенција ѝ се дава сè поголема важност, каде ќе нè однесе во иднина неселективната примена на АИ во журналистиката на што сведочиме и на овој Вимблдон? Несомнено е дека АИ системите се посупериорни од живиот новинар. Ако се реферираме на дарвиновата социјална теорија за еволуција на видовите, дека само живите организми кои можат да се прилагодат на промените можат да опстанат, тогаш новинарите немаат никакви шанси и неминовно ќе исчезнат како диносаурусите. И овде не е во прашање неможност или не сакање на новинарот да се прилагоди на новите околности, туку што тој нема никаква шанса и со своја промена да ѝ парира на супериорната, брза, ефективна и (не)прецизна вештачка интелигенција (секој кој работи и греши, па така и АИ).
Прилагодувањето на новото нешто, за да опстанете и преживеете, во оваа етапа од дарвиновиот еволуцизам, е поставено на сосема погрешни премиси и се изведува во нефер услови. Прво, не е борба за опстанок меѓу живи видови, туку меѓу човек и технологија. Второ, во такви околности, како што е неразумно да се бара од физички работник, кој во просек може да подигне 50 килограми тежина, за да му биде конкурентен на хуманоидниот робот, да мора и тој да дига 100 килограми, така и новинарот не може да ѝ конкурира на супериорната вештачка интелигенција. Во однапред зададени нефер услови, не може да се води рамноправна борба.
Иако, колегата Саша Озмо од Спорт Клуб, на кого ова му е десетти Вимблдон на кој работи, е пооптимистичен и смета дека АИ не може да нè замени кога се известува од лице место. За него, можеби, вештачката интелигенција може да пишува извештаи и изјави, но во пишувањето коментари, анализи, репортажи, поставување прашања за нешто што се случило пред три минути тука АИ сè уште не може ништо да направи.

5.
Како во иднина го замислувам вимблдонскиот тениски турнир, ако АИ потполно би ги истиснала новинарите? До веќе поставените на сите терени футуристички по изглед камери за хок-хај проверка, ќе има слични камери, кои ќе бидат и со дескриптивна функција. Сè она што го снимаат, во истиот момент и текстуално ќе го опишуваат или аудио ќе го коментираат. На тој начин, целосен, детален извештај ќе се генерира од секој меч, а потоа виртуелните редакции ширум светот како инпут ќе го преземаат, и секоја со употреба на АИ моделите како Чет ЏПТ, Копилот, Гемини, Лео и останатите ќе продуцира илјадници различни верзии на извештаи од еден меч. Исто како што сега стотици новинари, од своја перспектива, пишуваат стотици различни текстови за еден ист меч или настан.
Оваа утописка иднина на Вимблдон, технолошки е изводлива уште сега. Начинот како тоа би се остварило е достапен за секого. Сигурно сте забележале на Јутјуб, кога ќе вклучите превод, како тој, симултано, речиси во идеална секунда, го преведува на македонски јазик она што се говори на англиски, турски, свахили или мандарински јазик. Кога нема говор, имате дескрипција на она што се случува на екранот, од тоа дека свири музика, има аплауз, вратата се треснала, автомобилот застанал со гласно кочење. На крајот од филмот, без никаков проблем, АИ моделот може да ви изработи текстуален, аудио или видео „самарајз“ за целиот филм.
6.
Несвесно, на овој Вимблдон ваков експеримент се направи и преку еден извештај на Макфакс. Во разговорот со Новак Ѓоковиќ, српскиот тенисер во еден момент изјави: „Имам голема желба да ја посетам Македонија, а, можеби, и нешто би организирале со Лина Ѓорческа и со Калин Ивановски“. Останатите портали во Македонија, како би избегнале да го пренесат разговорот од конкурентскиот портал, но, веројатно, и поради кликбеит интерес, изјавата на Ѓоковиќ ја „пуштиле“ низ АИ моделите, при што секој портал објавил свој „самарајз“ на зборовите на Ѓоковиќ. Еден од нив беше: „Ѓоковиќ најави спектакуларен тениски меч во Скопје со Лина и Калин“.
Во иднина, по овој принцип ќе се пишуваат извештаите, анализите, коментарите од Вимблдон. Би ја нарекол дескриптивна камера – која ќе ги дистрибуира фактите и описот на настанот, а редакциите ширум светот нив ќе ги интерпретираат согласно опциите кои ќе им ги понуди АИ: дали сакате умерен извештај, емотивен, конфликтен, фактографски, коментаторски, академски, спортски, популарен или некој друг.
Колку тие извештаи ќе бидат во согласност со она што навистина се случило и што дескриптивната камера го дистрибуирала? Според она што го утврдивме од трансформацијата на изјавата на Ѓоковиќ, не е ни важно. Најавениот спектакл на Ѓоковиќ поминал кај читателите, многумина се израдувале, некои можеби и почнале да се распрашуваат каде и по која цена да купат билет. На крајот, на кого му е грижа и дали тоа е вистина?! И онака, уште сега, трендовите на западната журналистика не се веќе таа да се базира на факти и вистина, туку важен е наративот кој е општоприфатен и е за јавно добро, без разлика дали неговиот супстрат е фактографски (тоа го видовме за време на Ковид епидемијата и сега во Украинската војна).
Веќе живееме во време за кое Олдос Хаксли рекол дека ќе му биде својствено дека книгите веќе нема да се забрануваат бидејќи никој нема да ги чита, а вистината нема да се цензурира бидејќи ќе биде покриена/скриена од многу небитни информации со кои секојдневно ќе се бомбардираат луѓето. Сè точно опишал, единствено што промашил Хаксли во својот роман „Храбриот нов свет“ е што оваа утописка иднина ја предвидувал да се случува во 2540 година.
7.
Има ли спас за новинарите, може ли нешто да се промени, смени, ресетира на старо? За жал, мислам дека не. Лошиот дух од боцата не само што е пуштен, туку тој веќе и суверено владее со светот и човештвото. Во такви околности, да се очекува некаков меѓународен договор за мораториум на вештачката интелигенција или да се забави овој прединамичен технолошки развој, кој просечниот човек не може да го следи и да му се прилагодува, е нереално.
По реално е да почнеме да се навикнуваме на оваа утописка иднина која ни се случува во нашата сегашност, и да ја прифатиме мрачната прогноза на Јувал Ноа Харари, напишана во неговото дело „Сапиенс“, дека поголемиот број од луѓе ќе постанат „бескорисна класа“ со која ќе управуваат системи на вештачка интелигенција. Бескорисна класа, како продолжение на Фуковата теорија за „био-моќ“ (biopower), во која луѓето се „био-маса“, која не се разликува од останатиот жив свет како преживари, влекачи, инсекти, планктони. Поради тоа, и вештачката интелигенција се смета за прва технолошка револуција чија цел не е преку иновативност да му се олесни животот на човекот, туку таа да биде супституција за него.
Единствената добра вест е што ние бумерите овој луциферовски свет нема да доживееме да го видиме, па уште некоја година ќе можеме да уживаме во Вимблдон каков постои од неговото основање во 1887. година. Всушност, Генерацијата Зет ќе биде и последната генерација која, барем, делумно, ќе наликува на човекот каков претходно постоел. Генерациите Алфа, Бета, Гама и останатите кои ќе уследат, и кои ќе го видат 22-от век, веќе од самото раѓање ќе бидат моделирани од истата таа вештачка интелигенција да прифатат дека да се биде бескорисна класа и био-маса е нормалното место кое му припаѓа на новиот човек во новиот свет.
Меѓутоа, што ако во тој нов свет се заклучи дека еден андроиден робот може подобро да игра тенис од Новак Ѓоковиќ!?
