Top Sport

За Љубичиќ, Федерер уште е најдобриот пред Ѓоковиќ

Поранешниот хрватски тенисер и поранешен тренер на Роџер Федерер се вклучи во дискусијата за тоа кој е најдобриот на сите времиња во тенисот, поставувајќи го Федерер на повисоко ниво од Новак Ѓоковиќ и Рафа Надал со интересна споредба со НБА легендата Мајкл Џордан.

36-годишниот Ѓоковиќ во Париз ја освои својата 23. гренд слем титула, со што го помина Рафаел Надал, и речиси е сигурно дека Србинот ќе заврши како тенисерот со најмногу големи титули во историјата. Љубичиќ, кој шест години работеше со Федерер признава дека е пристрасен во дебатата, но посочува дека најдобриот е тој што имал најголемо влијание.

„Секако, тешко е да си објективен. За мене, најдобриот е тој што имал најголемо влијание на спортот. Новак е најуспешниот, тоа го има во сите статистики, но има разлика помеѓу тоа да си најголемиот и најуспешниот. Мајкл Џордан не беше најуспешниот, но сите го сметаат за најголемиот поради неговото влијание. Не мора да се согласиме. И на крајот, тоа што го оствари Новак не го намалува тоа што го оствари Роџер“, вели Љубичиќ во интервју за „Тагес анцајгер“.

44-годишниот Љубичиќ исто така не верува дека Федерер ќе се врати како тренер во тенисот.

„Не можам да го замислам тоа. Го гледам повеќе како ментор. Тој сака да помогне, но нема да се обврзе да стане тренер. Сака да прави премногу разични работи за таква функција“, додава Љубичиќ.

Scroll to Top