„Кралот на земја“, Рафаел Надал го започна својот „поход“ кон 13-тата титула од Ролан Гарос со лесна победа од 6:4/6:4/6:2 над 83-рангираниот Белорусин Егор Герасимов во студениот понеделник во Париз, но најголемо внимание предизвика маратонскиот меч помеѓу двајца релативно непознати тенисери – Лоренцо Џустино и Корентин Муте.
Надал, кој пристигна во Париз, признавајќи дека ова е неговиот „најтежок“ Ролан Гарос, поради промената на вообичаениот пролетен термин и изборот на потешки топки, сепак, немаше проблеми против Герасимов за рутинска победа.
Додека траеше овој меч, 157-рангираниот Италијанец Џустино го довршуваше мечот против 71-рангираниот Французин Муте, во кој последниот петти сет траеше 3 часа и 2 минути, бидејќи Ролан Гарос остана единствениот гренд слем кој нема тај-брејк во последниот сет.
Квалификантот Џустино на крајот беше подобар со 0:6/7:6(7)/7:6(3)/2:6/18:16 по 6 часа и 4 минути игра, со што го одиграа вториот најдолг меч во историјата на Франција опен, по Клемен-Санторо во 2004, кога играа 6 часа и 33 минути. Апсолутен рекорд останува (и најверојатно ќе остане) мечот помеѓу Џон Изнер и Никола Мау на Вимблдон во 2010, кога Изнер победи со 6:4/3:6/6:7(7)/7:6(3)/70:68 по рекордни 11 часа и 5 минути играни во три дена.