Top Sport

Жерар Пике ја тужи ИТФ и бара 50 милиони долари отштета

Инвестициската групација „Космос“ бара 50 милиони долари од Меѓународната тениска федерација (ИТФ) како компензација за раскинувањето на договорот за организација на Дејвис купот, објави претседателот на компанијата Жерар Пике, цитиран од „Франс прес“.

„По откажувањето на договорот од страна на ИТФ, дојде до спор меѓу двете страни, во кој бараме 50 милиони долари“, изјави поранешниот играч на Барселона за весникот „Марка“. „Не можам да откријам повеќе поради доверливост“, додаде Пике.

„Космос“ во 2018 година склучи 25-годишен договор со ИТФ за организација на Дејвис Купот, но во јануари федерацијата реши да ја врати контролата врз натпреварувањето.

Компанијата поднесе тужба против ИТФ пред Судот за спортска арбитража во Лозана за „неоправдано раскинување на договорот“.

„Сметаме дека тоа што го направивме со Дејвис купот е голем успех. Зедовме натпреварување кое беше на умирање, и во однос на спортот и економски и во однос на публиката, успеавме да го воскреснеме турнирот“, изјави Пике.

„Ги помноживме нашите приходи со 4 годишно. Од три дојдовме до 15 спонзори. Тоа се случи пред 2020 година, кога се појави Ковид-19 и промени сè во сите спортови“, анализира тој.

„Во 2020 година немаше Дејвис куп, а поголемиот дел од 2021 година ќе се игра без публика. Фиксните цени од кои се плашевме не одговараа на пазарот“, додаде претседателот на „Космос“.

Компанијата го промени форматот на Дејвис купот од 2019 година.

 

Scroll to Top