Top Sport

Жесток пад на Кевендиш на Тур де Франс

Рекордерот по бројот на етапни победи (34) на Тур де Франс, 38-годишниот британски велосипедист Марк Кевендиш (Астана-Казакстан) мораше да се откаже за време на осмата етапа на најпознатата велосипедска трка во светот, откако падна на 64 километри пред целта во Лимож.

Само еден ден откако заврши на второто место во седмата етапа и покажа дека може да се натпреварува во спринтерски финиш за негова 35. победа на турнејата, со која би го надминал легендарниот Белгиец Еди Меркс, со кого го дели рекордот, Кевендиш падна додека возеше во главната група и го повреди десното рамо.

Лекарскиот тим многу брзо стигна до Британецот кој се држеше за рамо, а потоа и за глава, што не беше добар знак. Стана јасно дека Кевендиш нема да го продолжи своето патување на овогодинешниот, негов последен Тур де Франс, кога лекарите му го преврзаа десното рамо и го одведоа со амбулантно возило.

Кевендиш за првпат возеше на Тур де Франс во 2007 година. Вкупно, тој ја стартуваше најголемата трка во светот 14 пати, а седумпати стигна до целта во Париз.

Scroll to Top