Top Sport

Еуро 2018: Драматични победи на Шведска и Русија

На Европското првенство за ракометарки во Франција, во неделата, се одиграа натпреварите од второто коло во групите А и Б. Драматични победи забележаа Шведска над Србија и Русија над Црна Гора.

Во групата А, Шведска успеа да слави против Србија (22:21) со голот на Џени Алм постигнат на пет секунди до крајот на мечот. Алм со пет гола ја предводеше Шведска во нападот, меѓутоа најдобра на теренот беше голманката Оден со 19 одбрани. Искусната Крпеж-Слежак со седум гола ја предводеше Србија.

Во оваа група Данска со убедливата победа над Полска (28:21), стана првата селекција која избори пласман во наредната рунда.

Данска води во А-групата со четири бода, по два имаат Шведска и Србија, а Полска е без освоен бод.

Во последното коло Данска ќе игра против Србија, а Шведска против Полска.

Русија во Б-групата, успеа да ја победи Црна Гора 24:23, последниот гол на натпреварот го постигна Судакова на 47 секунди до крајот.

Јануковиќ постигна 12 гола за Црна Гора, а Рајчиќ одбрани 11 удари, додека кај Русија се истакнаа Самохина со седум и Манагарова со шест гола.

Претходно, домашната селекција на Франција убедливо славеше над Словенија 30:21.

Русија води со четири бода во Б-групата и обезбеди место во наредната рунда, по два бода имаат Црна Гора и Франција, а без освоен бод е Словенија.

Во последното коло Франција ќе игра против Црна Гора, а Русија ќе игра со Словенија.

Scroll to Top