Ракометарите на Вардар 1961 речиси и да немаа одмор по триумфот против Пролет во домашното првенство, а веднаш отпатуваа за Нови Сад каде денеска го играат реванш натпреварот од четврт-финалето на плеј-офот во СЕХА лигата против Војводина.
На првиот меч во Скопје, вардарци победија убедливо, со 38:25 и се пред пласман на завршниот Ф4 турнир во ова натпреварување.
„Почнуваме да се навикнуваме на ова темпо на играње натпревар на секои 2-3 дена. Сега е најважниот дел од сезоната. Војводина одигра добро во Скопје иако на крај разликата беше висока во наша корист. Верувам дека и тие се надеваат дека може убедливо да победат, а ние секако сериозно го сфаќаме тој натпревар. Нема што да калкулираме ниту да размислуваме – едноставно сакаме да победиме“, изјави Гоце Георгиевски.
За Нови Сад тренерот Владо Недановски не ги поведе Стојанче Стоилов, Велко Маркоски, Борко Ристовски и Дарко Ѓукиќ.
Натпреварот меѓу Војводина и Вардар е закажан за 16:30 часот.