Игор Карачиќ, член на двете шампионски генерации на Вардар, бил гостин во серијалот „Остани дома“ на специјализираниот ракометен портал „Балкан хендбол“. За македонската јавност интересни се изјавите на Карачиќ за своите поранешни соиграчи од Вардар.
Карачиќ кој сега е член на Кјелце го посочил Иван Чупиќ како исклучително важен играч во моменти кога се „кршат“ натпреварите.
„Секакви работи говореа и пишуваа за него. Кога би составил профил на играч според карактерот, менталитетот, влијанието што го има во соблекувалната и на теренот…него би го ставил на врвот. Неверојатно е каков победник е тој човек, колку голем работник е. Горд сум што имав можност да играм со него“, вели Карачиќ.
Хрватскиот репрезентативец во суперлативи говори и за капитенот на Вардар Стојанче Стоилов.
„Со еден збор Стојанче е „мажиште“. Мангуп од скопските улици, но над сѐ вистински пријател. Можеш 100 пати да влезеш во конфликт со него, но никогаш тоа нема да биде поради некаква глупост. Секогаш ќе знаеш зошто тоа било така. Ќе научиш некоја нова лекција во животот. „Во коска“ те мава“.
Карачиќ го истакнува и пријателството со Страхиња Милиќ. Голманот по заминувањето од Вардар во 2018 година, на 28 годишна возраст практично ја прекина кариерата.
„Тој за мене не е Страхиња, тој ми е како брат. Тој е мојот спрски брат. Неговата мајка е српска мајка, а таа мене ме нарекува хрватски син. Многу ми е жал, но се надевам дека ќе му се врати на ракометот. Знам дека има голема желба да се врати. Како што Деки (Милосављев) влеза на мала, а излезе на голема врата. Се надевам дека Џамбо ќе се врати, повторно ќе влезе на мала, а ќе излезе на голема врата“, изјави Карачиќ.