Top Sport

Карапалевски: Новите ракометари се вклопуваат, Вардар ќе бара триумф и против Бутел

По двата триумфи на почетокот на плејофот, во третото коло РК Вардар в петок (24 февруари) од 18.30 часот повторно дочекува градски ривал, екипата на Бутел. Сезонава во меѓусебните дуели „црвено-црните“ двапати победија, во „Јане Сандански“ со 30:21, а на гости со 26:23.

По двете одиграни кола Вардар е лидер на табелата со 9 бодови, а Бутел е последен со само 1 бод.

Вардар гостуваше во Охрид во претходното коло и во дерби дуел победија со 27:23, а Бутел загуби дома од Еурофарм Пелистер 2 со пресврт во последните минути, иако скопјани имаа и предност од „плус 6“.

„Ги гледавме нивните натпревари, и особено овој последниот со Еурофарм Пелистер 2 што Бутел го загуби. Играа одлично во првиот дел. Според мене големо засилување за Бутел е враќањето на Томче Стојановски особено во одбраната. Игравме со Бутел и во регуларниот дел од сезоната, знам како беше тогаш иако двапати победивме. За нас е особено важно играњето во домашното првенство, и затоа на секој меч влегуваме со мотив и желба за триумф.

Имаме неколку нови ракометари во пролетниот дел, но со секој меч се повеќе тие влегуваат во системот. Веќе 3-4 натпревари сме заедно, и играме се подобро. Овој меч ќе биде генерална проба пред СЕХА – Газпром лигата со Партизан, но секако прво треба да одиграме добро со Бутел, па потоа да мислиме на следниот меч“, вели Мартин Карапалевски, средниот бек на Вардар.

Повредите на претходните мечеви секогаш го кроеја составот на Вардар, па така ќе биде и сега. Во тимот има ситни повреди кај неколку ракометари, и во зависност од нивната здравствена состојба ќе се реши кој ќе настапи во петок.

„Секој меч е посебен, и меч за себе. Кога играат против Вардар сите се мотивирани. Затоа ние сме постојано подготвени за секој предизвик. Играме ден порано за да можеме да имаме потоа ден одмор, и плус уште два дена плус за подготовки за следниот меч од СЕХА лигата против Партизан.

Бутел е сериозен тим, каде има и и млади и искусни ракометари. Знаат добро да играат и тоа го покажаа и во првиот дел од сезоната. Ние направивме анализа и секако сме подготвени“, вели Владо Недановски, тренерот на Вардар.

Scroll to Top