Top Sport

Лазаров: Се чудам од каде Хрватите ги „вадат“ ракометарите, Лино е гениј

Македонскиот капитен, Кирил Лазаров дел од својата долга кариера ја помина во Хрватска, така што не е чудно што хрватските новинари секогаш го бараат неговото мислење на големите натпреварувања.

38-годишниот Лазаров, како што во интервјуто за хрватски „Индекс“ е претставен „единствениот ракометар во историјата со над 1.000 голови“, вели дека очекува „каубоите“ на Лино Червар да отидат далеку на шампионатот.

„Хрватска целосно ја надигра Шпанија и ја уништи во секој смисол. Шпанците постојано ја имаат таа тактика, но таа функционира и затоа се шампиони Европа. Беше чудно да се гледаат моќните Шпанци како немаат идеја. Лино Червар целосно го надмудри Рибера со 5-1 одбраната, а беше убавина да се гледа како игра Дувњак. Тој е неверојатен ракометар. Сите ќе имаат проблеми со Хрватска, иако во хрватските медиуми тврдеа дека ништо не бива од оваа репрезентација. Глупости. Каква и Хрватска да дојде, таа е фаворит. Со било колку деца, барем ќе се борат до полуфинале. Не знам откаде ги вадите тие ракометари. Се восхитувам на тоа што наоѓате млади и непознати ракометари кои бргу стануваат ѕвезди, а тука е и Червар. Тој е стар лисец и ги знае сите трикови. Еден од најдобрите во историјата и затоа треба да му верувате“, вели Лазаров.

Тој исто така зборуваше и за настапот на Македонија на Мундијалот.

„Не се покажавме најдобро, но не мислам дека целосно потфрливме. Имаме млад тим, има малку постари ракометари, а останатите се од градинка. Добивме два натпревари, а со најсилните бевме егал во голем дел од мечевите. Со Хрватска до 53. минута, со Шпанија до 40. минута, со Исланд до самиот крај. Не е возможно со скратен ростер да играте максимално 60 минути и падот е нормален. Тоа беше нашиот основен проблем – хроничен недостаток на енергија“, додава капитенот.

Фото: ЕПА

Scroll to Top