Капитенот Кирил Лазаров вели дека поразот од Шпанија не смее да ѝ падне лошо на македонската ракометна репрезентација и дека сега следува за нас „финалето“ на Мундијалот, клучниот меч против Исланд за третото место на табелата и пласман во втората фаза.
„Не влеговме со калкулации во мечот, а во квалитетното прво полувреме имавме шанси за предност од 3-4 гола разлика, но не ги искористивме шансите. Во второто полувреме се случи тоа што се случи, ќе видиме дали е за добро. За нас утре против Исланд е финале на Светско првенство. Можевме вечерва да бидеме и израмнети со Шпанија и да загубиме во последната секунда. Сочувавме дел од силите, треба да заборавиме на овој меч и да се подготвиме за утре. Не сметавме дека мечот против Исланд ќе биде клучен, не калкулиравме од почеток. Исланѓаните покажаа дека и со подмладена репрезентација се многу силни. Ќе биде тешко, но ќе дадеме сè од себе за победа“, изјави Лазаров за „МТВ“ по мечот.
Фото: ЕПА