Македонија ќе игра во финалето на ЕХФ шампионатот, за ракометари до 20 години. Вечерва, во драматичен натпревар, дури по изведувањето на ударите од седум метри Македонија славеше над Фарските острови 27:25. Натпреварот во регуларниот дел заврши со резултат 23:23.
Дека Македонија и Фарските острови ќе одиграат драматичен меч можеше да се насети во првото полувреме, во кое репрезентациите најчесто се менуваа во водството, а само еден пат македонските ракометари имаа предност од два гола. На полувреме Македонија замина со минимална предност 13:12.
Првата половина од вториот дел донесе подобра игра на Македонија. Играчите на Данило Брестовац трпеливо ја градеа преноста и на влезот во последните 15 минути имаа постигнато пет гола повеќе од противникот (21:16).
Фараните сепак успеаја да се врата во мечот, најмногу и поради грешките на противникот. На три минути до крајот Макеоднија имаше предност од два гола и напад, на две минути до крајот предност од еден гол и напад, а во последната минута напад за сигурна победа.
Во пенал-рулетот Шилегов, Димитриоски и Серафимов ги реализираа своите удари, а Кизиќ успеа да го одбрани ударот на Олсен. Во четвртата серија Мортенсен го промаши голот, а Петровски погоди за пласман на Македонија во финалето.
Утре од 20 часот македонските јуниори ќе играат против Белорусија. Победа во финалето ќе значи и пласман на Европското првенство во оваа возрасна категорија.
фото: rkmetalurg.mk