Top Sport

Моќната Хрватска го „разби“ Исланд, „ѕверот“ Дибиров ги спаси Русите против Србија

Вториот меч од нашата група на СП во Данска и Германија донесе одличен ракомет, многу пресврти и на крајот победа на Хрватска од 31:27 (16:14) над Исланд за совршен старт на „каубојците“ на Мундијалот.

Тимот на Лино Червар уште еднаш ја продолжи традицијата – никогаш на големите натпреварувања немаат загубено од „рибарите“, и покрај тоа што во поголемиот дел од мечот силите беа израмнети. Хрватска имаше предност од два гола на полувремето (16:14) со одличната серија од 5:0, меѓутоа Исланѓаните во второто полувреме се вратија за да направат пресврт и да поведат со 24:22.

Сепак, Хрватите се вратија и покажаа дека во моментов имаат подобар тим во одлична завршница за на крајот да победат со големи четири гола разлика.  Лука Степанчиќ имаше партија на кариерата со осум постигнати голови, а поранешниот вардарец, Лука Циндриќ постигна шест гола. Кај Исланѓаните, најефикасен беше Палмарсон со седум гола.

Тимур Дибиров блескаше за Русија да спаси 30:30 реми против Србија, откако ракометарот на Вардар постигна неверојатни 11 голови за „зборнаја“. Србија имаше предност од два гола во финишот на натпреварот, но незапирливиот Дибиров се покажа како човек на одлука со неговиот гол на минута и 15 секунди пред крајот.

Првото големо изненадување на шампионатот го направија Аргентинците, кои успеаја да извлечат 25:25 реми против фаворизираната Унгарија во меч од групата Ц, додека Австрија без мака со 29:22 беше подобра од Саудиска Арабија.

Фото: ЕПА

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ДАНСКА/ГЕРМАНИЈА, 1.КОЛО

ГРУПА Б

Исланд – Хрватска 27:31 (14:16)

ГРУПА А

Србија – Русија 30:30 (16:16)

ГРУПА Ц

Саудиска Арабија – Австрија 22:29 (9:15)

ГРУПА Д

Аргентина – Унгарија 25:25 (10:13)

Scroll to Top