Против „рибарите“ мора драматично! Исланд секогаш бил незгоден противник на македонската ракометна репрезентација, и овојпат пропуштивме шанса да забележиме две победи против „рибарите“ во квалификациите за Европското првенство во 2020 година, одигрувајќи 24:24 (10:11) во меч со голем број на пресврти .

По трилер-завршницата во Рејкјавик пред три дена, повторно беше неизвесно, а во поголемиот дел од првото и второто полувреме, „рибарите“ имаа предност од гол-два. Сепак, во финишот момците на селекторот Данило Брестовац смогнаа сили и направија пресврт за да поведат со два гола разлика, пред гостите повторно да се вратат во игра и пак да дојдат во предност.

Кога беше најтешко, капитенот Кире Лазаров погоди, по него и Дејан Манасков за да поведеме со 24:23, за на крајот и Борко Ристовски на голот да го направи своето и да одбрани на минута пред крајот! Сепак, во претпоследната акција ударот на Кирил Лазаров не беше прецизен и Исланѓаните израмнија во својот последен напад. За Македонија останаа три секунди за да се направи чудо, и иако Гоце Георгиевски  постигна гол, судиите оценија дека се работи за престап.

Со овој резултат, Македонија останува на првото место на табелата со 5 поени, колку што има и Исланд, додека Турција е трета со четири места. До крајот на квалификациите ни остануваат дуелите против Грција дома и гостувањето кај Турција, и со две победи сигурно обезбедуваме место на Евро 2020.

Фото: ЕПА