Top Sport

Пелистер без шанси против Веспрем, ќе играат за трето место во СЕХА лигата

Еурофарм Пелистер не успеа да биде вистински ривал на унгарскиот ракометен гигант Веспрем во полуфиналето на СЕХА лигата во Задар, доживувајќи убедлив 41:27 (24:16) пораз.

Ова значи дека Веспрем ќе се бори за израмнување со Вардар како најтрофеен клуб во регионалното натпреварување, бидејќи утре ќе игра со ППД Загреб за својот петти трофеј. Загреб претходно во првото полуфинале со 32:26 го совлада хрватскио ривал Нексе, кој пак ќе биде следен противник на битолскиот клуб во борбата за третото место.

По одличниот старт, во кој Пелистер поведе со 3:2, Веспрем ја презеде контролата на мечот, правејќи предност од четири гола (9:5) по десет минути игра. До полувремето унгарскиот клуб направи предност од 8 гола (24:16), по што во второто полувреме неизвесен беше само бројот на голови во мрежата на Пелистер.

Усама Хосни погоди 6 гола за Пелистер, а Жарко Пешевски и Руди Сери уфрлија по 5, додека за Веспрем, Микита Ваилупау блесна со 8 гола, а Мануел Штрлек застана на 6.

Фото: СЕХА лига

Scroll to Top