Европскиот првак Вардар со победа ја започна одбраната на титулата во Лигата на шампионите. Во Монпелје, дуелот на победниците во Лигата на шампионите во последните три сезони, Вардар победи 33:31 (16:17).
Вардар новата сезона во Лигата на шампионите ја започна на идентичен начин како и минатата, со победа во Монпелје. Ланската сезона по таа победа Вардар ја заклучи со победа на завршниот турнир.
Со оглед на тоа дека е почеток на сезоната двата тима одиграа меч со многу осцилации, иако е впечатокот дека Вардар и порано можеше да ја обезбеди победата. Марин Шего, голманот на Монпелје ја правше разликата на теренот.
На крајот тој заврши со 10 одбрани, од кои четири беа против Тимур Дибиров. На другата страна голманите на Вардар, Гебдан и Кугис, завршија со седум одбрани, но Алжирецот имаше две интервенции во последните осум минути кога Вардар ја врати предноста на своја страна.
Првото полувреме беше израмнето, предноста беше кај едните и другите, а ниту еден од тимовите немаше поголема предност од два гола. Сепак на одморот домаќините имаа гол предност.
Вардар го издржаа притисокот на почетокот на второто полувреме кога Французите создадоа разлика од три гола. До 45 минута Вардар направи пресврт со серија 6-3 (23:20).
Драматичниот финиш му припадна на Вардар, Скубе постигна два гола, Шишкарев еден и избори исклучување и црвен картон за Дуарте. На две минути до крајот Скубе со уште еден гол стави точка на победата.
Токму Словенецот Скубе беше најефикасен на мечот со осум гола, Дибиров постигна шест, Шишкарев пет, а Атман четири гола.