Македонија е поразена од Русија во таканаречениот Президентс куп во „Ланксес арената“ во Келн со 30:28 (17:14), што значи дека селекцијата на Раул Гонзалес ќе игра за пласман на 15-тото или 16-тото место на Мундијалот против поразениот од дуелот Катар-Чиле.
Иако мечот не беше од големо значење, ниту за нас, ниту за Русите, тргнавме со најдобриот состав кој го имаме, но успехот го добивме само во првите минути кога поведовме со 4:2. По ова, „зборнаја“ на Едуард Кокшаров ја презеде иницијативата и направи пресврт и разлика од дури пет гола, која на полувреме беше намалена на 17:14.
Меѓутоа, ниту второто полувреме не донесе поинаква претстава, Русите ги искористуваа своите шанси за разлика од нас, и на неколку пати стигнуваа и до шест гола разлика.
Капитенот Кирил Лазаров повторно беше „столб“ на нашата игра и го заврши мечот со девет голови, додека пет имаше Жарко Пешевски. Кај Русите најрасположен беше ракометарот на Веспрем, Дмитриј Житников со осум постигнати голови, Короцов постигна пет, а четири имаше ракометарот на Вардар, Хлеб Калараш, кој беше накнадно повикан во руската репрезентација.
Фото: ЕПА