Освојувањето на титулата од Лигата на шампионите како да беше клетва за францускиот ракометен клуб Монпелје, кој и во петтиот натпревар од новата сезона не успеа да победи, губејќи драматично со 29:30 од уште еден клуб кој имаше проблеми во последно време, унгарскиот гигант Веспрем.
Веспрем минатата недела беше во хаос откако тимот го избрка тренерот Љубомир Врањеш и го донесе нашиот добар познаник, Дејвид Дејвис, поранешниот помошник на Раул Гонзалез во Вардар и екстренер на ЖРК Вардар. Мануел Штрлек ги предводеше Веспрем со шест гола, а пет имаше Нилсон, додека на Монпелје им беа залудни седумте гола на Ришардсон.
Барселона пак, имаше проблеми во Белорусија, но на крајот стигна до убедлива 29:21 победа над Мешков Брест по тесното прво полувреме. Мортенсен, Мем и Гомез имаа по пет гола за Барса, а за домаќините Обрановиќ и Ѓукиќ имаа исто така по пет. Ова е четврта победа во низа за Блауграна по почетниот пораз од Рајн-Некар Левен и сега тие се израмнети на првото место во групата А со Вардар, иако „црвено-црните“ имаат четири победи и ниту еден пораз и натпревар помалку.
Шпанскиот Адемар пак, извлече победа од 26:25 во Швајцарија против Тун за да избие на првото место во групата Д.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 5.КОЛО
Мешков Брест – Барселона 21:29 (14:15)
Монпелје – Веспрем 29:30 (16:14)
Тун – Адемар 25:26 (12:15)
Татран Прешов – Спортинг 27:30 (13:15)
Фото: ЕПА