Престојот на Веселин Вујовиќ на клупата на словенечката репрезентација заврши неславно во средата, кога федерацијата реши да го раскина неговиот договор пред стартот на Европското првенство.
Најголемата причина за овој раскин беше инцидентот кој се случи на мечот на ППД Загреб (каде што тој е тренер), кога на младиот словенечки ракометар Марко Паниќ му викаше „Умри, бре, веќе да не те гледам“. По ова следувал бунт на ракометарите кои барале тој да биде отстранет.
Но, сега, словенечките медиуми објавуваат и други детали околу црногорскиот стручњак, обвинувајќи го дека уживал во покерот, додавајќи дека им барал пари на своите играчи.
„Вујовиќ уживаше во покерот, а играше за забава и опуштање. Кој сакаше да игра со него, мораше да плати 300 евра, вклучувајќи ги и неговите омилени ракометари. Тие кои не беа омилени, ги решаваше со контроверзните ’тренерски техники’ на тренинзи и натпревари. Играњето на ’уценувачки’ покер се случуваше и на подготовките на словенечката репрезентација“, тврди веб-порталот „Нова24ТВ“.