Стојанче Стоилов беше прогласен за играч на мечот во високата победа со која Македонија го стартуваше настапот на своето шесто Светско првенство, но тој предупреди дека не треба да се оди многу напред во плановите и дека треба да се остане смирен.
„Против Јапонија не се залетавме, така што одиме чекор по чекор, пред нас има многу натпревари со овој формат на првенството. Денеска беше важно да се победи и тоа го направивме, јас сум задоволен, иако има работи кои мораат да се поправат, посебно во одбраната. Во следниот меч против Бахреин сме фаворити, но потоа не сме фаворити до крајот. Треба да го минеме Бахреин со поддршка на дебитантите во тимот, за да бидеме свежи пред пресметката со Хрватска“, вели Стоилов.
И ветеранот на голот, Борко Ристовски, кој беше фантастичен со 20 одбрани против Јапонија, бара намалување на еуфоријата и претпазливост.
„Не беше лесно како што кажува резултатот. И претходно знаевме дека Јапонците се незгодни и брзи противници, што придонесе за проблеми во одбраната. До победата се дојде тешко, но ние сме задоволни. Имаме млад тим, ова е само прв натпревар на долгиот шампионат, така што ќе мораме да бидеме подготвени за Бахреин“, додава Ристовски.
Фото: ЕПА