Top Sport

Стоилов: Нема опуштање, против Веспрем одиме на победа

Вардар во комплетен состав ќе го пречека Веспрем во натпреварот на неделата во Лигата на шампионите. Дуелот е директна борба за втората позиција во А-групата, на која претендираат и ракометарите на Кјелце.

Вардар и Веспрем се сигурни патници во осмина-финалето, прашање е само од која позиција ќе влезат во нокаут рундата. Првото место во групата е резервирано за Барселона, а во последните три кола Вардар влегува од второто место.

Црвено-црните имаат 15 бода, еден повеќе од Веспрем и Кјелце.

„Очекувам тешка средба против Веспрем. Ни остануват уште три средби и работевме добро во минатите денови и подготвени сме за она што претстои. Сакаме многу бодови во последните три средби. Сакаме да победиме и победата е најважна за нас. Во последните денови Борозан и Мораеш работеа заедно со нас и ќе видиме како ќе биде. Доколку биде сè во ред со нив тогаш ќе ги имаме на терен и в сабота. Со Горбок ситуацијата е поинаква. Сигурно ќе помине уште еден месец додека можеме да сметаме на него”, изјави тренерот на Вардар, Роберто Парондо.

На првиот меч со Веспрем во Унгарија, ракометарите на Вардар победија со 27-25, слично сценарио играчите и армијата на навивачи посакуваат да има и саботниот меч.

„Победата против Рајн Некар ни ја олесни задачата. Тоа нема да не опушти бидејќи не чека уште еден тежок дуел против Веспрем. Подготвени сме за она што претстои и очекувам да одиграме максимално добро за да дојдеме до посакуваниот резултат”, изјави Стоилов.

Поради големиот интерес за натпреварот во продажба се пуштени дополнителни 500 билети за стоење по цена од 150 денари. Дуелот в сабота ќе започне во 17.30 часот.

Scroll to Top