Ракометарите на Вардар го забележаа вториот пораз во Лигата на шампионите. Европскиот првак на гостувањето кај Веспрем е поразен со (17:21).
Шок терапијата и смената на тренерот по катастрофалниот пораз од Кил во Скопје не ги тргне вардаровите ракометари од летаргичноста. Вардар одигра лош меч против Веспрем чии играчи влегоа мотивирано во натпреварот со цел да се реваншираат за поразот во финалето минатата сезона.
Одново проблем за Вардар беше одбраната, која не профункционира во ниту еден момент и голманите кои имаа мал процент на одбрани. Податокот дека Вардар во првиот дел прими 21 гол доволно зборува за играта во одбраната.
Веспрем првата посериозна предност ја стекна во 12 минута (9:5) кога Кокшаров побара минута одмор. Вардар потоа ја преполови предноста (15:13), но до крајот на првиот дел Унгарците ја вратија разликата од четири гола.
Работите на теренот не се сменија ниту во второто полувреме, Веспрем ја одржуваше предноста, а сите надежи на Вардар дека може да се доближи згаснаа во 50 минута кога домашните играчи ја стигнаа до предност од седум гола (32:25). Разликата стана двоцифрена во 57 минута (37:27), а во еден момент Веспрем имаше и 39:27.
До крајот Вардар успеа да избегне двоцифрен пораз 39:30.
Дибиров беше најефикасен кај Вардар со осум гола колку што постига Лауге кај Веспрем. Втор стрелец кај Вардар беше Дисингер со пет гола.
Раритет е што капитенот на Вардар Столе Стоилов кој не одигра ниту секунда на овој меч во 58 минута доби црвен картон.
Во Лигата на шампионите следува репрезентативна пауза, наредниот меч Вардар ќе го одигра во Скопје на 3 ноември против Мешков Брест.