Од понеделник, 4 февруари, официјално почнува пријавувањето за јубилејното петто издание на ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“. Кампот ќе се одржи од 19 јуни до 1 јули во Охрид.
Организаторот и агенцијата „КМГ спорт“ на годинешното издание на кампот очекуваат над 350 деца од Македонија и Европа.
Секое дете и тренер ќе подлежат на спортски медицински преглед од страна на тимот на д-р Жан Митрев, чија екипа ќе биде и 24-часовно медицинско обезбедување на кампот.
За сите учесници од Македонија обезбеден е бесплатен превоз, а за нив и за другите организаторот обезбедил осигурување од несакани повреди и опрема од брендот „Хумел”, чие заштитно лице веќе неколку години е Лазаров.
Учесниците ќе бидат сместени седум дена во хотелот „Аквалина”, кој се наоѓа на брегот на Охридското Езеро и кој има идеална инфраструктура и содржини за реализација на спортски кампови и подготовки на спортисти професионалци.
„Вистинските победници во животот се решени да направат разлика, било да е таа голема или мала, и тоа е она што ги прави поинакви од другите. Со ова би го опишал нашето петтогодишно постоење и функционирање на високо ниво.Со многу посветеност, труд и ангажираност успеавме да направиме добар производ во кој се инволвирани најмладите, односно иднината на нашата држава. Направивме тим на лојални, чесни луѓе со иницијатива, оптимизам и полни со ентузијазам… Создадовме тим за иднината. Се трудиме да ги воспитуваме и нашите деца од кампот во тој правец затоа што денешниот успешен член на тимот е успешен утрешен водач. Поставивме цел,и кои се тешко дофатливи, но сепак може да се дофатат. Благодарност до сите инволвирани во овој проект и се надевам на уште многу јубилеи во иднина”, вели творецот на кампот „КЛ7“ и капитен на македонскиот национален тим, Кирил Лазаров.
Од понеделник пријавувањето може да биде извршено преку следниот линк: (http://kl7.mk/kamp/prijava/)