Веселин Вујовиќ неодамна си замина од тренерското место во ППД Загреб поради „приватни причини“, кои сега во интересна дискусија со Лино Червар откри дека се поврзани со земјоделие.
Вујовиќ беше избран за најдобар тренер на просторите на поранешна Југославија од страна на читателите на популарниот веб-сајт „Балкан хендбол“, пред Црногорецот Зоран Рогановиќ и Хрватот Лино Червар, по што преку Фејсбук порача дека не ја заслужува победата, која треба да му припадне на Червар, кој освои сребро со Хрватска на Европското првенство.
Червар му се заблагодари на потегот, а потоа Вујовиќ откри зошто точно си заминал од Загреб.
„Вложив во приватен бизнис. Имам голема плантажа на овошки, одгледувам круши и цреши. Поради таа работа морав да им се заблагодарам на луѓето во Загреб кои сметаа на мене и во следната сезона. Работата е таква што ќе мора често да отсуствувам, а не сакам ништо да работам површно. Не им затворив врата на Загреби кога ќе им бидам потребен јас сум тука. Мојата тренерска кариера не е готова, иако размислував за тоа повеќе пати“, открива Вујовиќ.