Шарл Леклер вели дека жали за својата радио-комуникација со тимот на Ферари откако го загуби дуелот со Себастијан Фетел на Сингапур ГП трката минатата недела и дека мора да научи „да замолчи“.
21-годишниот возач од Монако водеше од пол-позицијата, контролирајќи го темпото на трката со едно застанување во боксот кога Ферари одлучи наместо него, прво да го повика Фетел во боксот. Ова беше клучен момент и Фетел стигна до победата, а Леклер преку радиото побара „објаснување“ од тимот велејќи дека „не е фер“.
Сега, пред Руското ГП овој викенд, Леклер вели дека претерал и дека нема да ја повтори грешката.
„Мислам дека мојата реакција беше претерана и тоа покажува дека имам уште многу да учам. Во вакви ситуации немаше потреба да се однесувам така. Тимот ја направи вистинската одлука, завршивме како први и втори. Со друга стратегија тоа не беше сигурно. Но, кога си во болидот е многу тешко, секогаш постои многу адреналин. Кога се будам мислам на победа, кога заспивам мислам на победа. Морам да се контролирам во такви ситуации и да замолчам наместо да зборувам на радиото“, вели Леклер.